Верификација на активностите на меѓународен план
       Нашето задоволство од резултатите од теренските истражувања немаше да биде толку големо, доколку тоа не добиеше меѓународна верификација од највисок вид. Импресионира фактот што нашиот Центар беше примен за редовен член во Светската федерација за карпеста уметност ИФРАО само неколку месеци по формирањето. Прогласувањето на Центарот за светски лидер на полето на истражувањата на карпестата уметност од страна на претседателот проф. д-р Дарио Сеље е прилог кон верификацијатана нашите активности на овој план. Нашите реферати секогаш беа прифаќани од Научниот комитет на Светските конгреси на ИФРАО. За кратко време авторот на текстов беше избран за член на Извршниот совет на ИФРАО. Во 1984 година претседателот на ИФРАО лично ја отвори изложбата во Народната и универзитетска библиотека “Св.Климент Охридски“ во Скопје, под наслов “Карпеста уметност во Македонија“.
Доделувањето на Почесната диплома од страна на Научниот комитет на ИФРАО на д-р.Алексовски за вонредни заслуги за интензивирање на истражувачките активности исто така значи потврда на вредностите на активноста на Македонскиот центар за карпеста уметност. Поранешниот амбасадор на ОБСЕ во Македонија д-р. Фаустино Трони и актуелниот Карло Унгаро се заинтересирани за развојот на проучувањата на карпестата уметност во Македонија и се постојано присутни на промоциите што ги организира Центарот за карпеста уметност. Академик проф. д-р.Блага Алексова е консултант на проектот Карпеста уметност во Македонија, а тоа значи дека и Македонската академија е директно инволвирана во проучувањето на карпестата уметност. Во таа смисла е и прогласувањето на д-р.Алексовски, автор на текстов за еден од 2.000-те најзначајни личности на светот за 20-век од страна на Меѓународниот биографски институт од Кембриџ, како и објавување на биографијата во сите поголеми светски енциклопедии. Круна на верификацијата на нашите активности на истражувачки план претставува Одлуката на претседателството на ИФРАО од 1995 година, Конгресот на ИФРАО во 2002 година да се одржи во Македонија. Го запаливме факелот на вистината за карпестата уметност во Македонија. Треба само да внимаваме да го предаваме неизгаснат и повеќе распламтен на идните генерации. Карпестата уметност е најголемата гордост и афирмација на македонската нација, наука и култура и покажа дека светот на прагот на третиот милениум ги откри корените на својот духовен развој.
 
Copyright by MRARC
Designed Maintained and Hosted by UNet