Кратка историја на Центарот и досегашна активност
Карпестата уметност во Македонија е откриена во 1992 година од д-р.Душко Алексовски, по неговиот студиски престој во Швајцарија, каде за прв пат се запознава со терминот Карпеста уметност. Првиот карпест гравир е откриен во селото Трновец, на местото викано “Орлов Камен“. Во 1993 година Друштвото за наука од Кратово се пререгистрира во Центар за карпеста уметност на Македонија, како прв Центар од овој вид на Балканот. Од 1992 година, до 2000 истражувачкиот тим на Центарот откри на 460.000 карпести цртежи. Сто илјадитиот карпест цртеж беше промовиран во Македонската Академија на науките и уметностите.
   Центарот организира повеќе изложби и предавања од областа на карпестата уметност во земјата и во странство. Првата изложба беше организирана во НУБ “Св.Климент Охридски“, а ја отвори претседателот на Светската федерација (понатаму ИФРАО), д-р. Дарио Сеље од Италија. Предавањата беа организирани во сите поголеми градови во Република Македонија, како и во Хајделберг - Германија, Љубљана - Словенија, Торонто - Канада.Македонскиот центар за карпеста уметност ја врши мисијата на популаризацијата на карпестата уметност на Балканот. Во 1998 година со помош на Институтот на трајни заедници од САД, Центарот го изгради првиот резерват за карпеста уметност во Источна Европа. Центарот разви специјален вид на современо сликарство со помош на карпестата уметност и учењето на Фројд и Јунг. Со проучувањето на карпестата уметност правилно се дефинира културното, историското, уметничкото, лингвистичкото, етнолошкото како и религиозно - филозофското наследство на Македонија и од тој аспект завршувањето на овој толку значаен проект претставува императив на времето.
   Карпестата уметност покажа дека тлото на Македонија културно, во континуитет се творело повеќе од 30.000 години. Повеќе за Историјата на Центарот и неговите манифестирани активности види во книгите од д-р.Душко Алексовски : Монографија на Центарот, објавена на англиски и македонски јазик, и книгата, Како ја открив карпестата уметност во Република Македонија со паралелен текст на англиски и германски јазик.
 
Copyright by MRARC
Designed Maintained and Hosted by UNet