ДЕВЕТТА СЛИКА Длабоката, тивка ноќ фрла издолжени сенки во хотелот “Мажестик”. Од позадината, зад отворената порта влегува ветрот што ги развејува прозрачните завеси, и топлиот сјај на истата месечина од претходната слика.
Низ отворената врата, во долга ноќница, влегува Марија/Сара. Маѓепсана е од ноќта. Препуштена на своите сеќавања, започнува тивко да пее нежна песна. Ги затвора очите, понесена од нежната мелодија. Најнапред почнува да се ниша во тактот на мелодијата, а потем & се предава на песната и на еден с# потемпераментен, лелејав танц, додека песната јакне.
Во салонот на “Мажестик” тивко се појавува некоја сенка. Таа го забележува несаканото присуство и се сепнува. Сенката се открива, тоа е Прислужникот.
САРА: Ме уплаши.
ПРИСУЖНИКОТ: Прости, не сакав. Еве, си одам. Заминува.
САРА: Не, чекај. (Тој застанува) Што сакаше?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Ништо. Одев да си легнам. И те видов тебе.
САРА: Ме виде како будалеам?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Не, Марија. Беше прекрасно.
САРА: Тука нема Марија. Сега сум Сара.
ПРИСЛУЖНИКОТ: Сега, можеби. Пред малку беше Марија.
САРА: Марија ја нема. Умре таму, на оној диван.
ПРИСЛУЖНИКОТ: Не умре. Тука е. Само скриена. Пред малку ја видов како танцува. Чиста и беспорочна. Сјајна како онаа месечина. Прекрасна.
Таа молчи, потоа.
САРА: Ја знаеш ли таа песна.
ПРИСЛУЖНИКОТ: Не. Што е тоа?
САРА: Приспивна песна. Ми ја пееше мајка ми. Тоа е единствениот спомен што ми остана од неа. Тоа и мирисот. Паметам дека мирисаше на смил. Имаше нежен допир. Кога ќе се расплачев, ме земаше во рацете. Додека ме лулаше, ме стискаше нежно, со сигурен стисок. И ми ја пееше таа песна со шепот.
ПРИСЛУЖНИКОТ: Беше убава?
САРА: Не знам. Не се сеќавам како изгледаше.
ПРИСЛУЖНИКОТ: Сигурно била. Ти бездруго личиш на неа. Што пее песната.
САРА: Ни тоа не го знам. Не ги паметам зборовите. Само мелодијата и начинот на кој мајка ми ги изговараше.
ПРИСЛУЖНИКОТ: Оди сега, легни. Одмори се.
САРА: Не ми се спие. А тебе?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Ни мене. Мразам да спијам.
САРА: Зошто?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Не. Потоа мораш да се разбудиш.
САРА: Побрзо врви времето.
ПРИСЛУЖНИКОТ: С# едно. Не сакам да сонувам.
САРА: Зошто?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Сонувам едно исто.
САРА: Што тоа?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Времето кога бев среќен. Сонот завршува секогаш исто. Со моето влегување во ова место. Потоа се будам и пак го гледам овој проклет хотел. И не знам веќе дали е сон или јеве. Затоа ми е сеедно дали спијам или бдеам. За мене нема бегање од “Мажестик” мила моја. Освен понекогаш, и тогаш јавето е подобро и од некој убав сон. Како пред малку. Кога те видов, како во некој стар сон од времето на мирот?
Таа го погледнува. Тој исто така. Потоа заминувa. |