ОСУМНАЕСЕТТА СЛИКА
Параванот на актерите со наивистичката слика на топол семеен дом. Шум од присутна публика. Се слуша барабан. Излегува актерот. Публиката се смирува.
АКТЕРОТ: (Театрално објавува) Почитуван публикуме, патувајќи долго низ многу места, дојдовме, еве, и во вашиот крај. Тука сме да го прикажеме нашево претставление, та со игра и мимика да ви понудиме малку милост и, повеќе, утешение. И на крајот, да ви го дадеме нашето наравоучение: театарот е, добри луѓе, милост и спасение! (Пак удира “туш“ во барабанот) А сега, да ви ја претставам новата точка на нашиот театар. Молам малку аплауз за големиот артист. Ристо, магионичар, илузионист и исцелител!!! Аплауз, егзалтација, свирежи. Актерот се губи од бината. На цената се појавува Ристо. Стои и гледа во публиката. Носи плашт врз својата облека. Аплаузот не секнува. Тој и натаму стои.
РИСТО: (Тивко) Еве сум, одново, меѓу вас, ако има кој да чуе.
ИЗВИК ОД ПУБЛИКАТА: Доста слушавме, дај нешто и да видиме!?
РИСТО: “?Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас е Моето тело, што ќе го предадам за живот на светот”. (Јов. 6.51)
ПУБЛИКАТА: Барем измиј се, па да те пробаме!
РИСТО: “Ќе ме барате и нема да ме најдете; и каде што ќе бидам Јас, вие не ќе можете да дојдете!” (Јов. 7, 34)
ПУБЛИКАТА: Оди, оди. Дајте нешто поинтересно!?
Сите се смеат. Ристо ја наведнува главата. Излегува, вознемирен, Актерот. Се обидува да ја спаси претставата.
АКТЕРОТ: Има ли некој сакат во публиката? Нека дојде тука. Излегува еден човек на патерици. Ристо не го ни погледнува. Ја крева главата кон небото и му наредува на сакатиот.
РИСТО: Оди во мир!
Сакатиот ги отфрла патериците. Почнува да оди. Публиката реагира. Излегува слеп човек.
СЛЕПИОТ: Можеш ли мене да ме исцелиш?
РИСТО: (Тажно го погледнува) Иако нема што да видиш освен празнина и безверие, прогледај!
Пак се случува чудо. Публиката доживува делириум. Актерот задоволно се смее и кима со главата кон публиката.
ПУБЛИКАТА: Дај сега нешто големо! Потресително!
РИСТО: Што по потресително од оваа војна и омраза. Што поголемо од ова зло и невреме!
ПУБЛИКАТА: Невреме. Бура. Направи бура ако можеш.
РИСТО: Некогаш смирував бури, зашто вие баравте мир. Сега барате бура, зашто сте болни од гнев и од немир. Барајте да ја смирам бурата во вас, не да подигнам бура во природата!
ПУБЛИКАТА: (Скандира) Бура, бура!!!?
РИСТО: (Погледнува во нив) Нека биде бура!
Почнува да дува бура. Силно фучи ветрот. Се слушаат грмотевици. Актерот гледа уплашено. Публиката е егзалтирана. Вика воодушевено. Ветрот уште повеќе јакне. Се вее косата и плаштот на Ристо. Го урива параванот со сликата на идиличниот дом. Актерот бега. Почнува да татни познатиот звук на ужасната машинерија на војната. Фантасмагоричниот звук покрива се. Ветрот с# уште дува. Ристо останува на сцената со својот отсутен поглед. На навевите од бурата, со својот развејан плашт.
|