ЧЕТИРИНАЕСЕТТА СЛИКА
На сцената од салонот на хотелот “Мажестик” Марија/Сара пее една од своите меланхолични песни во стилот на Зара Леандер. Веќе е многу извештена. Капетанот, наредникот и војниците не ја слушаат. Пијат и се смеат. Поручникот внимателно ја следи нејзината песна. Доаѓа Јосиф. Го забележува погледот на поручникот.
ЈОСИФ: Господа, повелете. Вашите соби се подготвени. Постелите ви ги топлат нашите службенички. Магдалена, покажи им ги собите на господата.
Магдалена доаѓа до Поручникот, тој ја одбива, потоа оди до Капетанот. Во тој момент влегува Градоначалникот. Гледа во Магдалена. Таа гледа во него. Градоначалникот гледа прашално во Јосиф. Тој ги крева рамениците. Капетанот ја прегрнува Магдалена и ја носи. Таа гледа кон Градоначалникот. Овој оди кон собата.
КАПЕТАНОТ: (Вика пијано) Војско, на место волно! Магдалена го носи во одајата. Се појавува Прислужникот.
ЈОСИФ: Попче, однеси ги и другите господа!
НАРЕДНИКОТ: Попче? Зошто те викаат така?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Порано бев поп.
ВОЈНИКОТ: Сега си само грешник.
ПРИСЛУЖНИКОТ: Сите сме грешници во ова време.
ВОЈНИКОТ: Попче, а веруваш ли ти во бога?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Не е тоа прашањето.
НАРЕДНИКОТ: Ајде, а кое е?
ПРИСЛУЖНИКОТ: Прашањето е: верува ли бог во нас? (Им покажува) Повелете, господа.
Јосиф заминува. Прислужникот ги поведува и војниците. Заминуваат. Марија/Сара ја завршува песната. Гледа во Поручникот, сака да замине.
ПОРУЧНИКОТ: Прекрасно пеете.
САРА: Благодарам. Можам ли да си заминам?
ПОРУЧНИКОТ: Ако така сакате. Зошто не би останале да поразговараме.
САРА: Ве чека вашата соба господине.
ПОРУЖНИКОТ: Тоа не ме интересира.
САРА: Вие сте некој чуден војник.
ПОРУЧНИКОТ: Има толку многу време како не сум слушнал таква убава песна.
САРА: Да, на почетокот сите ја сакаат мојата песна.
ПОРУЧНИКОТ: ?а потоа?
САРА: Потоа го сакаат моето месо. Добра ноќ, господине.
ПОРУЧНИКОТ: Мене ми се допаѓа само вашата песна. Тоа е единственото нешто убаво што ми се случило последниве години. Јас сум поет што си ги заборавил и своите сопствени песни. Додека ве слушав, во главата ми се роеа стихови. Ми се вратија слики. За миг се почувствував повторно среќен.
САРА: (Молчи)
ПОРУЧНИКОТ: Можам ли да го знам вашето име?
САРА: Сара.
ПОРУЧНИКОТ: Сара. Добра ноќ, госпоѓице.
Таа го гледа. И тој неа. САРА: Простете. Вие не сте како другите. Би сакала да останам уште малку со вас. Сакате ли да се напиеме нешто?
Слегува од сцената.
ПОРУЧНИКОТ: Сум испил цели реки. Не сум веќе жеден.
МАРИЈА: Сум слушала многу мажи како зборуваат. Различно од вас.
ПОРУЧНИКОТ: Сум запознал многу жени. Залудно. По толку време, вечерва за прв пат сакам да напишам песна.
Долга пауза. Амбиентот се менува. Длабоката, тивка ноќ фрла издолжени сенки во хотелот “Мажестик”. Од позадината, навев на ветер ја отворената порта и ги развејува прозрачните завеси. Зелената месечина добива топол тон. Нејзината светлина ги открива силуетите на Сара и Поруникот споени во нежен бакнеж.
Влегува Прислужникот. Ги здогледува и се стаписува. Ликот му добива замислен изглед. ПРИСЛУЖНИКОТ: (Тивко) Нешто ќе се случи, а тебе сеуште те нема. Те чекаме долго, а не идеш. Господе, ќе ставиш ли крај на сево ова? Заминува. Остануваат силуетите на Сара и Поручникот, споени во страствена прегратка. Претворени во силуети.
|