ДЕСЕТТА СЛИКА
Најнапреед далечно, потоа отпоодблизу, јакне нестварниот звук на бизарната воена машинерија. Изменетата, експресионистичка светлина ја открива горе првата појава на воено-еротскиот механизам. Потоа, како кај машина што добива забрзување, расте ритмот на работа на фалусните гранати. Работи, меле чудесната машина?
Долу, во борделот влегува нова војска. Нестварно живнува хотелот “Мажестик”. Борделот одново работи со полна пареа. На сцена излегуваат Капетанот и Поручникот. Од длабочината се појавува сопственикот на хотелот.
ЈОСИФ: Добро вечер, господа. Што можам да сторам за вас? Ги сакате своите стари соби? Ќе треба само да ме потсетите?
КАПЕТАНОТ: Какви стари соби, човече. Кој си ти?
ЈОСИФ: Ви сте прв пат тука?
ПОРУЧНИКОТ: Прв пат.
ЈОСИФ: Кој би рекол.
КАПЕТАНОТ: Зошто кој би рекол?
ЈОСИФ: Затоа што обично овде сите веќе еднаш биле.
ПОРУЧНИКОТ: И вие не се сеќавате на вашите гости.
ЈОСИФ: Униформите, господине?униформите понекогаш ми внесуваат забуна.
КАПЕТАНОТ: Доста со тие глупости. Кој си ти?
ЈОСИФ: Се извинувам. Јас сум сопственикот на објектов. Ме викаат Јосиф. Ви стојам на услуга. Како и хотелот “Мажестик”, господа. Дали сте за пијалок? Имаме првокласно вино.
КАПЕТАНОТ: Добро би ни дошла по една чашка, нели поручниче?
ПОРУЧНИКОТ: Па, ако вие така мислите?Од каде го набавувате.
ЈОСИФ: Војските се дарежливи, господине. Ова е остаток од вашите претходници. Ние, среде војна, го делиме виното на помирувањето. (Вика) Момче! (Излегува Прислужникот) Кажи им на девојките да ни донесат две чаши од новото вино! Господата се прв пат овде.
КАПЕТАНОТ: Ако мислите дека ќе ви платам за оваа посета, сте се излажале.
ЈОСИФ: О, се гледа дека сте прв пат овде.
ПОРУЧНИКОТ: Не ве разбирам.
ЈОСИФ: Ние овде не наплатуваме во пари.
КАПЕТАНОТ: Туку?
ЈОСИФ: Ние сме среќни што можеме да си ја работиме нашава работа. Исто како и вие. Ја бараме само вашата благодарност. Ништо повеќе.
КАПЕТАНОТ: (Сомничаво) Да не е тоа некој трик?
ПОРУЧНИКОТ: Како преживувате?
ЈОСИФ: А кој вели дека преживуваме?
Влегува Сара со послужавник и со три пијалоци врз него. Зрачи со нежна женствена убавина. Поручникот ја загледува. Го зема пијалокот. Таа го забележува тоа. И самата го загледува. Го служи Капетанот. Јосиф го забележува тоа меѓусебно интересирање.
ЈОСИФ: На здравје, господа. Добредојдовте во хотелот “Мажестик”. |